Потпишување меморандум за соработка
Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО) е проект на УСАИД во Македонија во соработка со МОН. Овој проект го спроведува Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), а обуката е подготвена од страна на Центарот за човекови права и разрешување конфликти како партнер организација.
Концептот за меѓуетничка интеграција во образованието се реализира преку воспоставување партнерства меѓу училишта чии ученици припаѓаат на различни етникуми и учат на различен наставен јазик. Училиштето ,,Димо Хаџи Димов” за свое партнер училиште го има ОУ,,Луиѓ Гуракуќи” од општина Желино. ОУ ,,Луиѓ Гуракуќи” има едно централно и две подрачни училишта, со вкупно 568 ученици. Наставата се реализира на албански наставен јазик. Меморандум за соработка меѓу двете училишта е потпишан на ден 18.11.2013 година.
Прва официјална средба во Желино меѓу партнер училиштата во рамките на ПМИО
Посета на дел од наставниот кадар од Скопје во ОУ,,Луиѓ Гуракуќи” беше реализирана на ден 17.12.2013 г., со цел планирање активности и договор за идни активности.
Беа разгледани условите за одвивање на воспитно-образовниот процес во Желино. Беа испланирани и договорени заеднички активности за следниот период. Имавме средба со дел од учениците и речиси сите наставници. Беше истакната подготвеност за соработка, со поголемиот дел од присутните.
Средба за заедничко одбележување на православниот празник Св. Василиј (познат како Стара Нова Година)
Во ООУ,,Димо Хаџи Димов” нa 13.01.2014 беше одбележан православниот празник во чест на Свети Василиј (Стара Нова Година). По тој повод беше реализирана средба со колегите од Желино во Скопје. Средбата имаше формален и неформален дел. Во првиот дел (формалниот) беа договорени и испланирани идни заеднички активности (краткотрајни – еколошки акции, подолготрајни – хуманитарни акции и заеднички наставни активности – проектни активности). На работните средби присуствуваа балансирани групи од по 18 колеги, организирани во три периоди (од прво до трето одд., од четврто до шесто одд. и завршните три одделенија). Во секоја група работеа по шест колеги од исто училиште. Беше обезбеден потребниот материјал за работа и реализација на сите планирани активности.
Во неформалниот дел од средбата организирана беше традиционална поделба на леб со паричка. Беше објаснет начинот на одбележување и значењето на православниот празник. Лепчето со паричка го подели добитникот од претходната година Ѓорѓи Огненовски. Паричката – како дел од споделување на традиционалните вредности беше во рацете на колешката од Желино, наставничката по математика Невајете Садулаи.
Следуваше честење покрај богатата трпеза подготвена од наставниците од училиштето домаќин ,,Димо Хаџи Димов”.
Заеднички активности со ученици во Желино
На 21.03. 2014 беа реализирани заеднички активности со ученици (според критериумите за ПМИО) – екологија, цртање, запознавање и дружење. Во училишниот двор во Желино беше реализирана активност во заедничко засадување на дрво на пријателството (од фамилијата Цупресс.леланауреа пон пон), подарок од нашето училиште. Сите други активности со ученици, беа реализирани во три балансирани групи, според периоди (од I до III, од IV до VI одд, и трите завршни одд.).
-Најмалите ученици – изработија хамери со срца од сопствените дланки, претставени со хартија во боја. Се запознаа, се претставија и се дружеа меѓу себе. Разменија поздрави и научија по некој збор на јазикот на другиот етникум.
-Средната возраст изработија хамери со проекти и пораки за екологија. Се запознаа и се дружеа.
-Третата група на ученици од завршните одделенија направија презентации за екологија на компјутер. Работеа во балансирани групи.
Размената на некој убав збор и заедничките творби, заедничките содржини и дружење му дадоа особен белег на овој ден
Со задоволство од сработеното и нови планови за заеднички активности
средбата беше приведена до крај.
Присуство на отворање на летна училница во Скопје
Следна средба беше присуството на колеги од Желино на отворањето на летната училница во дворот на училиштето ,,Димо Хаџи Димов”, на ден 14.05.2014.
Присуство на чествување на јубилејот на училиштето во Скопје
Оваа година одбележуваме 50 години од постоењето на училиштето. За одбележување на патронот беше одиграна театарска претстава ,,Да бидам, да бидам, што да бидам…” На претставата присуствуваа претставници од Желино.
Присуство на чествување на јубилејот на училиштето во Скопје
Посета на партнер училиштето во Желино беше реализирана (на нивна покана) на одбележувањето на Денот на албанската азбука – 21.11.2014. Активностите планирани според ПМИО ќе продолжат и во иднина.





коментарите се зачклучени