Поезијата е материјализација на духовните вибрации на поединечното битисување во еден свет сосем поинаков од објективната стварност на секојдневјето. Секој намерник што влегува во нејзината аура, не само што одушевено чекори во тој необичен простор без врамени ограничувања, туку и останува вечен заложник во таа сосем обична необичност.
Дијана Дурлевиќ е една наша поетеса што живее во поетскикот свет на книжевноста, свет во кој човек не може да остане рамнодушен и неприемчив. Таа веќе неколку години создава стихови со своја препознатлива поетика, така што веќе за релативно краток период од еден месец стана добитник на три реномирани литературни награди на државно ниво.
Учествувајќи на 47 Детски Рацинови средби, го освои првото место на овој наш реномиран и повеќедецениски литературен настан. Нејзината стихотворба под наслов „Мугрите на мојата младост“ пријатно ја изненади многубројната публика, која искрено ракоплескаше на тие необични по стил поетски бранувања.
Веднаш потоа, учествуваше на литературен конкурс организиран од страна на Фондацијата “Никола Кљусев”, која со поддршка од Министерството за култура на РМ по третпат оваа година го спроведе проектот “Творам за Македонија”, во кој директни учесници беа учениците од основните и од средните училишта на Република Македонија. Оваа година темата беше “МОЈОТ ЈАЗИК – ТОА СУМ ЈАС “. На овој конкурс Дијана беше една од петте наградени учесници од основните училишта од цела Македонија. Петте добитници не се рангираа со освоено место. Нејзината творба е објавена меѓу преостанатите ученички трудови кои се јавиле како учесници на литературниот конкурс во едно обемно книжевно издание. Ментор на нашата Дијана е наставникот по македонски јазик, Марјан Костовски.
И, за да биде целината сосем заокружена, Дијана Дурлевиќ од IX-2 одделение, на 04. декември доби уште една реномирана награда, и тоа, ни помалку ни повеќе: Гран при! Станува збор за учество на литературен конкурс во организација на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје, на кој учесниците твореа на тема „Климентовата мисла и дело, наша вечна почит и благодарност“. Овој конкурс беше одржан по повод државниот празник Св. Климент Охридски. На ова литературно стихување, освен гран-прито на Дијана, прво место зема и ученичката Аника Цветковска од IX – 3, исто така под менторство на поетскиот маестро, наставник Марјан Костовски.






коментарите се зачклучени