По повод 50-годишнината од постоењето на училиштево, во оваа учебна година, кога се слави овој јубилеј, нашите талентирани ученици по литература создадоа публикации во кои ја созреаја вистината со цел смислата да се публикува во космички димензии.
Ова училиште особено води сметка за талентираните ученици кои имаат афинитети за одредени подрачја. Така, водејќи се по планирањето за талентирани ученици за учебната 2014 / 2015 година од областа на литературата, учениците Дијана Дурлевиќ од IX – 2 и Дамјан Михајловски од 7а одделение, водени од нивниот наставник по македонски јазик, Марјан Костовски, издадоа свои книги. Следствено, Дијана Дурлевиќ ја издаде својата втора збирка поезија „Молитва“, додека Дамјан Михајловски – своето првенче, драмата „Сон“. Овие две публикации имаат и ISBN број, така што училиштето „Димо Хаџи Димов“ по оваа основа доби уште една меѓународна експликација со ученички артефакти.
Современата драма „Сон“ на Дамјан Михајловски е дело во кое се зборува за сонот на Анѓела. Девојчето сака да стане радио-водител за да може преку етерот да му помогне на човештвото да се снајде во секојдневните проблеми. Тој благороден сон ги надминува соништата на преостанатите драмски ликови кои имаат приземни и лакоми намери кои се со евтини материјални димензии. Дамјан преку ликот на девојчето зборува за благородната идеја да му се помогне на човештвото да не загазува во истите милениумски стапици наменети исклучиво за животинската природа на човекот.
Оваа драма во почетокот ни претставува две пријателски семејства кои имаат дробни дечиња, па за да преживеат, докупуваат уште една нива за да можат со земјоделство да ги зголемат семејните буџети. Дејството се случува во Прилеп и започнува во далечната 1970 година, за потоа дел од ликовите да се преселат во Бари – Италија. Дејството завршува во 1990 година, кога во Македонија (историски потврдено) се создаваат локални приватни радија.
Кога мажите на двете семејства доаѓаат до заклучок дека од земјоделство (поради временските незгоди) не може да се преживее, се решаваат да заминат во Италија на печалба. Но, таму остануваат една деценија, а пари за сонот на Анѓела (за радиско студио) добиваат од успешна спортска прогноза.
Ликовите на жените сопруги, Стојанка и Љубица, се типични женски ликови карактеристични за македонската селска средина, жени кои целосно им се посветени на семејството и на децата. Не им кажуваат на своите сопружници дека се во неволја само за да не им го отежнат печалењето во туѓина. Преостанатите ликови се споредни и помалку или повеќе влијаат врз текот на главното дејство.
Оваа драма е составена од три чина, има разни сцени, како во надворешна средина, така и во внатрешен домашен ентериер, а пак појавите се доста динамични и брзи. Драмскиот конфликт благо е изразен на повеќе места, а етапите на драмското дејство се движат по редослед. Јазикот на кој зборуваат повозрасните ликови е прилепски говор, додека децата зборуваат на стандарден македонски јазик. Стилот на изразување на авторот е едноставен, но речит и со метајазична семантика. „Сон“ е првиот сериозен драмски обид на Дамјан Михајлоски.

Дијана Дурлевиќ, духовна пријателка на нашето време, поетесата која со строги потези во сликањето го претставува духовниот свет на нашите современици. За нејзината досегашна поезија може да се каже дека најсуштински ги опишува сите суптилни вибрации на човековата душа. Тоа се случува и во нејзината прва збирка поезија „Невидлив свет“, а еве тоа е очигледно и во нејзината втора збирка поезија под наслов „Молитва“. Стихозбирката „Молитва“ содржи 38 песни напишани во слободен стих пишувани во есента 2014 година. Нејзиниот напредок во пишување поезија е евидентен, низ стихувањето умее да се радува, да тагува, да соопштува, однесувајќи се како набљудувач на своите современици. Нејзиниот израз е симболичен, невообичаен, таа е вешт сликар кој се труди најпрецизно да ја претстави непосредната стварност.
Сите песни имаат метафорична подлога зашто нејзината тематска преокупација – човекот, може прецизно да се опише само таква естетска формулација. Последните четири песни се првонаградени на разни конкурси од висок државен ранг. На пример, песната „Реликвија“, е добитничка на државниот литературниот конкурс организиран од Фондацијата „Никола Кљусев“. Песните „Кирилицата на Климентовото житие“ и „Ода за Светите Кирил и Методиј“ се наградени со гран при, додека песната „Мугрите на мојата младост“ е испеана за македонскиот поет Коста Солев Рацин и е првонаградена на реномираниот литературен конкурс (за ученици во основно образование) „Рацинови средби“. Токму во есента 2014 година Дијана освои многу важни литературни награди благодарение на нејзиното сè подлабоко поетска творење.
Сите поетски творби од оваа збирка песни содржат голема доза на разочараност од системот, од неговата лицемерна лажливост, а особено е фрапирана од човекот кој ги има најодговорните функции во општеството („Јустиција“, „Јустиција во далечината“). Во поединците препознава несовршени суштества кои не знаат да се снајдат во сложениот свет на секојдневните интеракции. Не се ни обидува да преземе нешто за да ја измени несовршеноста, зашто веќе јасно сфатила дека никој не смее да му се меша на Творецот да ја публикува стварноста по своја волја.


Првата стихозбирка на Дијана Дурлевиќ „Невидлив свет“, издадена во мај 2014 год. Оваа стихозбирка беше промовирана со уметнички филм со истоимениот наслов.




коментарите се зачклучени

Нашите Најнови Настани

Сеуште не сте наш корисник.
Притиснете тука за да се регистрирате.