Златен јубилеј – одбележување 50 години

На 20 октомври 2014 година во Драмскиот театар во Скопје преку драмската претстава „Да бидам, да бидам, што да бидам“ по сценарио и во режија на Снежана Коневска – Руси беше одбележана 50-годишнината од постоењето на основното општинско училиште „Димо Хаџи Димов“. Јубилејот на училиштето беше претставен преку подолга подготовка бидејќи во него земаа учество бивши ученици од училиштето кои денес се видни личности во нашето општество. Преку нивните видео-изјави беше одбележано времето во кое тие учеле, а станува збор за: Венко Андоновски, Ивица Боцевски, Синоличка Трпкова, Жаре, проф. др Сашо Стојчев, Тони Јаневски, Бошко Заборски, Антонио Ристевски, Ангеле Илиевски и др. Исто така Александар Ристевски – Принц, во својство на родител на училиштето овозможи снимање на спот за училиштето и целосна техничка поддршка, а во музичка изведба на бендот „Бубалици“. За потребите на патронатот беше снимена и химна компонирана и аранжирана од наставникот по музичко образование, Дејан Миленковски, а по текст на наставникот по македонски јазик, Марјан Костовски. Училишниот хор, во солистичка придружба на Маја Панчева – Гроздановска, некогашна ученичка од ова училиште, ја изведоа за првпат официјално химната на училиштето. Драмската претстава беше реализирана од ученици од предметна и од одделенска настава, сценографијата беше подготвена од наставникот по техничко образование, Јане Ангеловски. Претставата започна со монолог на Валентина Божиновска, а гласот на Сенко Велинов беше употребен преку студиска снимка во улога на патронот на училиштето, Димо Хаџи Димов. Во уметничкото сценско претставување беа прикажани и кореографски точки, а настапија и оркестарот и хорот на училиштето. Во текот на претставата, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој доби благодарница од училиштето, им се заблагодари на учениците и на вработените од училиштето за покажаното внимание. Од името на училиштето, директорот на институцијата, м-р Зорка Ристова, изрази задоволство од посетата на присутните гости и им се заблагодари на родителите, општината, и на другите инволвирани лица за одбележувањето на училишниот патронат. По одржаната претстава на лицата на поканетите гости се забележуваше видна возбуда и задоволство поради одличната актерска игра на талентираните актери на училиштето кои ги играа улогите во претставата, како и од преостанатите учесници кои во голема мера ја збогатија свечената претстава. Беше големо задоволство да се одбележи еден толку значаен јубилеј кој во себе ги содржи годините поминати во наставни и во воннаставни активности, „златните“ години кои беа одбележани со повеќе генерации ученици кои денес даваат голем придонес во македонското општество.

Галерија

коментарите се зачклучени

Нашите Најнови Настани

Сеуште не сте наш корисник.
Притиснете тука за да се регистрирате.