Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје, Организираше литературен конкурс по повод одбележување на денот на Св, Климент Охридски – ученик на светите браќа Кирил и Методиј и основач на првиот сесловенски универзитет во Охрид. На тој конкурс учесниците твореа на тема „Климентовата мисла и дело, наша вечна почит и благодарност“, одбележувајќи го на тој начин споменот за нашиот знаменит предок кој нè задолжи на напредок, на добра мисла, на јазична писменост, на литературно творештво и на творештво од секаква благородна природа.
На тој конкурс учествуваа и две ученички од ООУ „Димо Хаџи Димов“ – Скопје, и тоа, Дијана Дурлевиќ од IX-2 одделение и Аника Цветковска од IX – 3, двете под менторство на наставникот по македонски јазик, Марјан Костовски. Успесите на нашето училиште уште еднаш оживеаја врз естетиката на поетската сила на овие две наши благородни поетски надежи. Имено, Дијана Дурлевиќ освои Гран-при награда, а Аника Цветковски го освои првото место, во конкуренција од училишта од Скопје. Пригодните награди учениците ги примија на 04. декември во просторот на библиотеката „Другарче“.
Во оваа пригода убаво е да прикажеме и дел од песната на Дијана Дурлевиќ под наслов „Кирилицата на Климентовото житие“:
„…Неговиот род денес слави,
со гласот на камбаната,
со псалмата на литургијата,
со писменоста на зеницата
слеана во погледот на бескрајното сенило.
Ѕвони камбанаријата,
пее литургијата,
славата се вознесува
и го разигрува духот
на учителот,
на просветителот…“
Ова се дел од стиховите на песната на Аника Цветковска под наслов „Старецот на мудриот молк“:
„…Ти си пресветла тишина,
ти си икона на совеста,
ти си бесмртност на мигот,
ти си сонце на поезијата,
ти си молња на глаголењето,
ти си скромност на генерациите,
ти си мисла, ти си промисла,
ти си библиско продолжение,
ти си преродување на времето,
старецу на мудриот молк,
исцелителу мој, вечност моја,
ти се поклонувам!“






коментарите се зачклучени